Излез (2 Moj.) 9:20-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Фараоновите службеници, кои се уплашија од Господовиот говор, ги дотераа внатре своите слуги и својот добиток.

21. Тие што не се грижеа за Господовата закана ги оставија надвор и своите слуги и добитокот.

22. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката кон небото да удри град по целата Египетска Земја: врз луѓето, животните и врз сите растенија во Египетската Земја.”

23. Мојсеј го крена стапот кон небото. Господ загрми и пушти град, и молњите ги здружи со земјата. Господ туруваше град по земјата на Египетците;

24. Градот биеше, низ него секавици параа. Таква стравотија не се нафрли врз Египетската Земја, откако имаше луѓе во неа.

25. Градот изби, низ сиот Египет, сè што остана надвор, луѓе и животни; ги уништи сите растенија по полето и ги искрши сите полски дрва.

26. Немаше град само во Гесенскиот Крај, каде што живееја Израелците.

27. Фараонот испрати по Мојсеја и Арона и им рече: „Признавам дека сум виновен овој пат. Господ има право, а јас и мојот народ сме виновни.

28. Молете Го Господа да ги запре громовите и градот, а јас ќе ве пуштам да отидете. Не ќе останете веќе долго.”

29. „Кога ќе излезам од градот - му рече Мојсеј - ќе ја кренам раката кон Господа, па ќе прекратат громовите, а ни град не ќе има веќе, така да знаеш дека земјата Му припаѓа на Господа.

30. Но ни ти ни твоите дворјани, јас знам, уште не се боите од Господа Бога.”

31. И така пропаднаа ленот и јачменот: зашто јачменот беше во клас, а ленот во цвет.

32. Пченицата и ’ржта не настрадаа, зашто беа подоцнежни жита.

33. Откако си отиде од кај фараонот, Мојсеј излезе од градот и ги крена рацете кон Господа. Грмежите и градот прекратија, а ни дождот веќе не паѓаше на земјата.

Излез (2 Moj.) 9