9. Мојсеј им го кажуваше тоа на Израелците, ама не сакаа да го слушаат: духовите им беа заматени од тешкото ропство.
10. Тогаш Господ му рече на Мојсеја:
11. „Оди и речи му на фараонот, египетскиот цар, да ги пушти Израелците од својата земја.”
12. Мојсеј Му прозбори на Господа: „Кога Израелците не ме слушаа, како ќе ме сослуша, бавен во говорот, фараонот!”
13. Ама Господ им говореше на Мојсеја и Арона и ги праќаше сега при Израелците, а сега при фараонот, египетскиот цар, да ги пушти Израелците од Египет.
14. Ова се главите на нивните домови. Синови на Израелевиот првороденец Рувим: Енох и Фалуј, Асрон и Хармиј. Тоа се семејствата произлезени од Рувима.
15. А Симеоновите синови: Јемуило, Јамин, Аод, Ахин, Сар и Саул, син на Хананка. Тоа се семејствата што потекнуваат од Симеона.
16. Ова се имињата на Левиевите синови со нивното потомство: Гирсон, Каат и Мерариј. Леви живееше сто триесет и седум години.