Излез (2 Moj.) 5:14-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. А бележниците, кои фараоновите надгледувачи ги поставија над Израелците, ги тепаа и прекоруваа: „Зошто ни вчера ниту денес не направивте плитари колку и порано?”

15. Тогаш бележниците на Израелците отидоа и му се пожалија на фараонот: „Зошто постапуваш вака со своите слуги?

16. Твоите слуги веќе не добиваат плева, а сепак од нас се бара: ‘Направете плитари!’ А и ги бијат твоите слуги, а виновен е твојот народ!”

17. „Вие сте мрзливци! Мрзливци! - одговори фараонот. Затоа и велите: ‘Ајде да Му принесеме жртва на Господа!’

18. Одете на работа! Плева нема да ви се дава, ама треба да го правите одреденото количество плитари.”

19. Бележниците на Израелците се најдоа во мака заради заповедта: „Не смеете да го намалите секојдневното количество на плитарите!”

20. Откако си отидоа од кај фараонот, ги најдоа Мојсеја и Арона, кои ги чекаа.

21. „Господ нека ве има на око и нека ви суди! - им дофрлија. Нè замразивте кај фараонот и кај неговите дворјани; им дадовте меч во раката за да нè погубат.”

22. Мојсеј се врати при Господа и рече: „Зошто, Господи, му нанесуваш штета на Својот народ? Зошто ме испрати?

23. Откога јас стапив пред фараонот и му проговорив во Твое име, тој постапува уште полошо со овој народ. А Ти не преземаш ништо да го избавиш Својот народ.”

Излез (2 Moj.) 5