10. „Добро - одговори - склучувам Завет. Пред сите твои луѓе ќе направам чудеса какви не се збиднуваат ниту во една земја, ниту во еден народ. Целиот народ, кој те опкружува, ќе види што може Господ, зашто она што ќе направам со тебе, ќе биде страшно.”
11. ”И така, извршувај што ти наложувам денес! Ете, ќе ги протерам пред тебе Аморејците, Ханаанците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.
12. Внимавај да не склучиш завет со жителите на земјата во која одиш; за да не бидат стапица во твојата средина.
13. Туку, разурнете ги нивните жртвеници, соборете ги нивните столбови, исечете им ги ашерите!
14. Зашто не смееш да се клањаш на друг бог. Па Господ - името Му е Ревнител - Бог е ревнив.
15. Не прави завет со жителите на онаа земја, за да не те повикаат тие, кога ќе блудствуваат со своите богови и кога ќе им принесуваат жртви, а ти се согласиш да јадеш од принесената жртва;
16. за да не ги земаш нивните девици за жени на своите синови, па тие да не ги поведат по себе и твоите синови, кога ќе блудствуваат со своите богови.”
17. „Не прави си леани богови!”
18. „Пази го празникот Бесквасни лебови - јадејќи пресен леб седум денови, како што ти наредив - во одреденото време во месецот Авив, зашто во месецот Авив излезе од Египет.
19. Секое првороденче на мајчиното крило Ми припаѓа Мене: секое машко, секое првородено на твојот ситен и крупен добиток.
20. Првороденото на ослицата откупи го со едно грло од ситниот добиток. Ако не го откупиш, треба да му го свиткаш вратот. А сите првороденци на своите синови откупувај ги. Никој да не стапува пред Мене со празни раце.”
21. „Шест дена работи, а на седмиот откажи се од работите, сеедно ако е и во доба на орање или во време на жетва.
22. Празнувај го празникот Седмици - на првите плодови на пченичната жетва - и празникот Берба на крајот на годината.