Излез (2 Moj.) 24:3-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Мојсеј дојде и му ги кажа на народот сите Господови зборови и сите одредби. А сиот народ одговори едногласно: „Ќе ги вршиме, сите зборови што ги рече Господ.”

4. Тогаш Мојсеј ги запиша сите Господови зборови. А наутро порани и подигна жртвеник во подножјето на ридот и дванаесет столбови за дванаесетте Израелеви племиња.

5. Потоа им наложи на младите Израелци да принесат жртви паленици и да му жртвуваат на Господа јунчиња како жртви помирници.

6. Мојсеј ја собра крвта; половината крв ја тури во садови, а половината ја излеа врз жртвеникот.

7. Потоа ја зеде Книгата на Заветот па му ја прочита гласно на народот, а народот одговори: „Ќе вршиме и ќе послушаме сè што рече Господ.”

8. Потоа Мојсеј ја зеде крвта и го попрска народот, говорејќи: „Ова е крвта на Заветот што Господ го воспоставува сега со вас на основа на сите овие зборови.”

9. Тогаш Мојсеј се искачи со Арона, Надава и Авиуда и со седумдесетте Израелеви старешини.

10. Тие го видоа Израелевиот Бог: подножјето на Неговите нозе како да беше од бесценетиот камен сафир, со болскот сличен на самото небо.

11. Ни Своите раце не ги протегна врз Израелевите избраници: слободно Го набљудуваа Бога и јадеа и пиеја.

12. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Искачи се кај Мене на ридот и почекај Ме таму. Ќе ти дадам камени плочи со законот и со заповедите, што ги напишав за нивна поука.”

13. Мојсеј и неговиот помошник Исус станаа, и Мојсеј се искачи на Божјата Гора.

14. А на старешините им рече: „Чекајте нè тука додека не се вратиме. Ете се со вас Арон и Ор. Кој има некаков спор, нека им се обрати ним.”

15. Потоа Мојсеј се искачи на гората, а тогаш облак ја покри гората.

16. Господовата слава се настани на Синајската Гора, и облакот ја покриваше шест дена. На седмиот ден Господ го повика Мојсеја од пред облакот.

Излез (2 Moj.) 24