Излез (2 Moj.) 23:1-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Не давај лажни изјави! Не помагај му на злосторникот сведочејќи криво!

2. Не се поведувај по мноштвото, за да правиш зло; ниту сведочи во парницата застанувајќи на страната на мнозинството против правдата.

3. Не смееш да бидеш пристрасен кон сиромавиот во неговата парница.

4. Ако сретнеш заскитано говедо или осле на својот непријател, треба да му го доведеш назад.

5. Ако го забележиш ослето, на оној кој те мрази, како паднало под својот товар, не го оставај: треба да му помогнеш да се крене заедно со неговиот господар.

6. Не оштетувај ги правата на својот сиромав во неговата парница.

7. Стој далеку од лажно обвинение; не убивај го невиниот и праведниот, зашто Јас не им проштавам на злочинците.

8. Не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува и оние кои гледаат најјасно и го упропастува правото на праведникот.

9. Не угнетувај го придојдениот! Па знаете како му е на придојденикот, и самите бевте придојденци во Египетската Земја.”

10. „Шест години сеј ја својата земја и собирај ги нејзините плодови,

11. а на седмата година остави ја да почива необработена. Нека се хранат од неа бедните на твојот народ, а што ќе и остане нејзе, нека го изедат полските животни. Работи така и со своето лозје и со својата маслинова градина.

12. Шест дена врши ја својата работа, ама на седмиот ден откажи се од своите работи, за да ти се одморат волот и ослето и за да здивнат синот на твојата слугинка и придојденикот.

13. Внимавајте на сè што ви реков. Не спомнувајте имиња на други богови. Тоа нека и не се чуе од твојата уста.”

14. „Трипати годишно одржувај свеченост во Моја чест.

15. Слави го Празникот на бесквасниот леб. Во одредено време во месецот Авив - зашто во него излезе од Египет - седум дена јади бесквасен леб, како што ти наредив. Нека никој не истапува пред Мене со празни раце!

16. Потоа слави го Празникот на жетвата - на првините што ги донесуваат полињата, кои ги засејуваш. Потоа Празникот на бербата на крајот на годината, кога ги прибираш од полето плодовите на својот труд.

Излез (2 Moj.) 23