15. Кога Израелците го видоа тоа, се прашуваа еден друг: „Што е тоа?” Зашто не знаеја што е. Тогаш Мојсеј им рече: „Тоа е леб, што Господ ни го набави за храна.
16. А ова е заповедта што Господ ја издаде: ‘Соберете колку што му е потребно секому за јадење - по еден гомор на личност, секој според бројот на членовите што му се во шаторот.’”
17. Израелците направија така. Некои собраа повеќе, некои помалку.
18. Кога измерија со гомор, се покажа дека немаше излишок оној кој собрал многу, а ниту недостиг оној кој собрал малку: секој собрал колку што му требаше за јадење.
19. „Нека никој не остава ништо за утрото!” им рече Мојсеј.
20. Но тие не го послушаа Мојсеја; некои оставија и за утре. А тоа им црвоса и засмрде. Мојсеј се налути на нив.
21. Така собираа секое утро колку што му требаше секому за јадење. И кога сонцето ќе огрееше, маната се растопуваше.
22. Тогаш на шесттиот ден собраа двојно количество храна по два гомора на секој. Кога старешините на заедницата дојдоа да го известат Мојсеја,
23. тој им рече: „Ова е Господова заповед: утре е ден на целосна почивка, сабота посветена на Господа. Испечете што сакате да печете; сварете што сакате да варите. Сè што ќе ви биде одвишок оставете го за утре.”
24. Тие го оставија тоа за утре, како што нареди Мојсеј, и ниту засмрде, ниту пак се појавија црви.
25. „Јадете го тоа денес - им рече Мојсеј - зашто овој ден е сабота во чест на Господа; денес не ќе најдете мана во полето.
26. Собирајте ја шест дни, а на седмиот, во сабота, ќе ја нема.”
27. Имаше некои што одеа и во седмиот ден да ја соберат, ама ништо не најдоа.
28. Затоа Господ му рече на Мојсеја: „До кога ќе одбивате да им се покорите на Моите заповеди и на Моите закони?
29. Погледајте! Затоа што Господ ви ја даде саботата, ви дава храна на шесттиот ден за два дни. Нека секој стои каде што е; нека никој не излегува од својот шатор во седмиот ден.”
30. Така народот се одморуваше на седмиот ден.
31. Израелевиот дом ја нарече таа храна: мана. Беше како кориандрово зрно; бела, а имаше вкус на медено колаче.
32. Тогаш Мојсеј рече: „Ова е заповед што ја даде Господ: ‘Наполнете со тоа еден гомор и чувајте го за своите потомци, за да ја видат храната со која ве хранев во пустината, кога ве избавив од Египетската Земја.’”