4. Ја фрли во морето фараоновата кола и неговата војска; цветот на неговите штитоносци Црвеното Море го голтна.
5. Брановите ги прекрија; како камен потонаа во морските длабочини.
6. Твојата десница, Господи, се прослави со сила; Твојата десница, Господи, го распарчи непријателот.
7. Со Своето величество Ти ги оборуваш враговите; го пушташ Својот гнев и тој ги голтнува како слама.
8. Од здивот на Твоите носалки надојдоа водите, брановите се издигнаа во ѕид, длабочините се зацврстија во срцето на морето.
9. Мислеше непријателот: ‘Ќе ги голтнам, ќе ги стигнам, ќе го поделам пленот, мојата душа ќе биде со него; ќе го извлечам мечот, ќе ги уништам со својата рака.’
10. А ти дувна со Твојот ветер, морето се затвори над нив; како олово потонаа во бездната на силната вода.
11. Кој е како Тебе, Господи, меѓу боговите, кој свети како Тебе во светлина, страшен во делата, прекрасен во чудесата?
12. Десницата ја испружи и земјата ги голтна!
13. Со Својата милост го водеше овој народ, откупен од Тебе, со Својата сила го упати кон Твоето свето живеалиште.
14. Штом го чуја тоа, народите се стресоа; маки ги нападнаа Филистејците.
15. Ужас ги скрши едомските главатари, трепет ги опфати моавските кнезови и се тресат сите што живеат во Ханаан.
16. Страв и трепет ги напаѓаа нив, силата на Твојата рака ги скамени додека, Господи, не помина Твојот народ, додека не помина Твојот народ, кого го откупи.
17. Ќе ги доведеш и ќе ги посадиш на Гората на Своето наследство, на местото што Ти, Господи, го направи Свое Живеалиште, Светилиште, о Господи, создадено со Твојата рака.