26. Кога вашите деца ќе ве прашаат: ‘Што ви значи таа служба?’
27. одговорете им: ‘Ова е пасхална жртва во чест на Господа, Кој поминуваше покрај куќите на Израелците, кога ги усмртуваше Египетците, а ги поштедуваше нашите куќи.’” Тогаш народот се поклони длабоко и искажа почитување.
28. Потоа Израелците отидоа и послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона така и направија.
29. На полноќ Господ ги погуби сите првороденци во Египетската Земја: од фараоновиот првороденец, кој требаше да седи на престолот, до првороденецот на пленикот во темницата, а така и сите првородени на добитокот.
30. Во ноќта стана фараонот, тој и сите негови дворјани и сите Египетци, зашто страшен лелек се разнесе низ Египет: немаше куќа во која не лежеше мртовец.
31. Фараонот ги повика во ноќта, Мојсеја и Арона па им рече: „Станете и заминете од мојот народ и вие и вашите Израелци! Одете си! Искажете му почитување на Господа, како што баравте.
32. Заберете го својот ситен и крупен добиток, како што баравте: одете, па благословете ме и мене!”
33. Египетците го принудуваа народот да замине побргу од земјата, „зашто загинавме сите,” зборуваа тие.
34. Така народот го зеде со себе уште нескиснатото тесто; ноќвите, завиткани во наметки, ги понесоа врз рамена.
35. И Израелците направија како што им рече Мојсеј, побараа од Египетците сребрени и златни скапоцености, и облеки.
36. Господ направи Египетците да му бидат благонаклонети на народот, па даваа. Така ги ограбија Египетците.
37. Така Израелците тргнаа од Рамзес кон Сокхот. Беа околу шест стотини илјади пешаци, освен жените и децата.