Излез (2 Moj.) 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Ова се имињата на Израелевите синови, кои слегоа со Јакова во Египет, секој со своето семејство:

2. Рувим, Симеон, Леви и Јуда;

3. Исахар, Завулон и Венијамин;

4. Дан и Нефталим, Гад и Асир.

5. Вкупно беа седумдесет души Јаковови потомци. А Јосиф веќе беше во Египет.

6. И Јосиф умре, а изумреа и сите негови браќа и целото тоа поколение.

7. Ама Израелците беа родни, се намножија и многу се засилија, така што ја наполнија земјата.

8. Тогаш во Египет завладеа нов цар, кој не го познаваше Јосифа.

9. И тој му рече на својот народ: „Ете, Израелевите синови станаа броен народ и посилни од нас.

10. Ајде, да постапиме мудро со нив: да им го спречиме растежот, за да не им се придружат на нашите непријатели во случај на војна, да не удрат на нас и на крај да си отидат од земјата.”

11. И поставија врз нив надгледувачи да ги измачуваат со тешки работи. Така му изградија на фараонот градови - складишта: Питом и Рамзес.

12. Ама колку повеќе ги измачуваа, тие уште повеќе се размножуваа, напредуваа и се ширеа, така што Египетците се плашеа од Израелците.

13. И Египетците се нафрлија жестоко на Израелците.

14. Им го загорчуваа животот со тешки работи: со правење на кал и плитари, со разни полски работи и со разновидни напори, што им ги наметнуваа немилостиво.

15. Египетскиот цар им се обрна и на еврејските бабици, од кои името на едната и беше Сепфора, а на другата Фуа, па им нареди:

16. „Кога при раѓањето им помагате на Еврејките, набљудувајте: ако е детето машко, убијте го; ако е женско, нека живее.”

17. Но бабиците се боеја од Бога и не правеа како што им нареди египетскиот цар, туку ги оставаа во живот машките деца.

18. Затоа египетскиот цар ги повика бабиците и им рече: „Зошто работевте така и ги остававте во живот машките деца?”

19. На тоа бабиците му одговорија на фараонот: „Еврејките не се како египетските жени. Тие се здрави. Тие веќе родиле пред да дојде бабицата кај нив.”

20. Бог го прими тоа за добро на бабиците. Народот се множеше и многу порасте.

21. А бидејќи бабиците се боеја од Бога, Тој им подари потомство.

22. Тогаш фараонот му нареди на целиот свој народ: „Фрлете го во Реката секое машко дете, што ќе им се роди на Евреите! Само женските деца оставете ги во живот.”