Исус Навин 8:15-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Тогаш Исус и сиот Израел почнаа да бегаат како да ги победија. И бегаа по патот кон пустината.

16. На тоа Гајците ги повикаа сите од градот и тргнаа во потера по нив, и гонејќи го Исуса се оддалечија од градот.

17. И не остана никој во Гај и Ветил што не тргнал по Израелците. Го оставија градот отворен и ги гонеа Израелците.

18. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Замавни со копјето, што ти е во раката, кон Гај: ти го предавам во рацете.” И Исус го подигна копјето што му беше во раката, и замавна кон градот.

19. И тукушто ја крена раката, луѓето од заседата се кренаа и се растрчаа кон градот, го освоија и веднаш го запалија со оган.

20. Кога оние од Гај се обѕрнаа, имаа што да видат: дим се дигаше од градот кон небото. И никој од нив немаше каде да избега ни таму ни ваму. Тогаш народот што бегаше кон пустината се сврте кон гонителите.

21. Откако Исус и сиот Израел видоа дека заседата го зазеде градот и дека се крева чад од градот, се вратија и удрија на луѓето од Гај.

22. Нивните им излегоа во пресрет од градот, и така оние од Гај се најдоа среде Израелците, опколени и од едната и од другата страна: беа погубени така што ниеден не остана жив, ниту избега.

23. А гајскиот цар го фатија жив и го доведоа при Исуса.

24. Кога Израелците ги погубија сите жители на Гај на отворено поле, и во пустината, кон каде ги гонеа, и кога сите паднаа од меч, Израелците се вратија во Гај и сосекоа со меч сè што беше во него.

25. Беа дванаесет илјади оние кои изгинаа тој ден, мажи и жени - сиот Гај.

Исус Навин 8