14. Кога сè тоа го виде гајскиот цар, побрза па излезе тој и сиот негов народ низ надолништето спроти Араба, во бој против Израел. А не претчувствуваа ни дека е наместена заседа зад градот.
15. Тогаш Исус и сиот Израел почнаа да бегаат како да ги победија. И бегаа по патот кон пустината.
16. На тоа Гајците ги повикаа сите од градот и тргнаа во потера по нив, и гонејќи го Исуса се оддалечија од градот.
17. И не остана никој во Гај и Ветил што не тргнал по Израелците. Го оставија градот отворен и ги гонеа Израелците.
18. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Замавни со копјето, што ти е во раката, кон Гај: ти го предавам во рацете.” И Исус го подигна копјето што му беше во раката, и замавна кон градот.
19. И тукушто ја крена раката, луѓето од заседата се кренаа и се растрчаа кон градот, го освоија и веднаш го запалија со оган.
20. Кога оние од Гај се обѕрнаа, имаа што да видат: дим се дигаше од градот кон небото. И никој од нив немаше каде да избега ни таму ни ваму. Тогаш народот што бегаше кон пустината се сврте кон гонителите.
21. Откако Исус и сиот Израел видоа дека заседата го зазеде градот и дека се крева чад од градот, се вратија и удрија на луѓето од Гај.
22. Нивните им излегоа во пресрет од градот, и така оние од Гај се најдоа среде Израелците, опколени и од едната и од другата страна: беа погубени така што ниеден не остана жив, ниту избега.
23. А гајскиот цар го фатија жив и го доведоа при Исуса.
24. Кога Израелците ги погубија сите жители на Гај на отворено поле, и во пустината, кон каде ги гонеа, и кога сите паднаа од меч, Израелците се вратија во Гај и сосекоа со меч сè што беше во него.
25. Беа дванаесет илјади оние кои изгинаа тој ден, мажи и жени - сиот Гај.
26. Исус не ја спушти раката со која замавна со копјето, сè додека не беа погубени сите жители на Гај.
27. Само добитокот и пленот од оној град Израелците ги поделија меѓу себе, како што Господ му нареди на Исуса.