Исус Навин 7:20-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Ахан му рече на Исуса: „Навистина, јас Му згрешив на Господа, Израелевиот Бог, и еве што направив:

21. видов во пленот убава вавилонска наметка, две стотини сикли сребро и златна плоча што тежи педесет сикли, па се полакомив и ги зедов за себе. Ене сè е закопано среде мојот шатор, а среброто е одоздола.”

22. Тогаш Исус испрати пратеници, кои отрчаа во шаторот. И ете, сè беше закопано во шаторот, а среброто одоздола.

23. Зедоа сè од шаторот и им го донесоа на Исуса и на Израелевите старешини и го положија пред Господа.

24. Тогаш Исус ги зеде Ахана синот Зариин, и среброто, наметката и златната плоча, и сите негови синови и ќерки, неговите волови и ослиња, и овците, неговиот шатор и сè што беше негово, па го изведе во долината Ахор. Сиот Израел ги следеше.

25. Рече Исус: „Како што нè направи несреќни, така Господ да те направи тебе несреќен денес! „ И сиот Израел го каменува.

Исус Навин 7