2. Исус пак испрати луѓе од Ерихон во Гај, што лежи источно од Ветил, и им рече: „Искачете се онаму, извидете ја земјата!” Луѓето отидоа па го извидија Гај.
3. Се вратија при Исуса, му рекоа: „Не треба натаму да се искачува сиот народ; две до три илјади нека отидат за да го освојат Гај. Не мачи го таму сиот народ, зашто таму има малкумина.”
4. Тргнаа натаму околу три илјади луѓе од сиот народ, и избегаа пред оние од Гај.
5. Гајците погубија околу триесет и шест луѓе, и ги тераа од пред своите врати до Сиварим: ги истепаа на стрмината. Тогаш се стопи срцето на народот, како да му е вода во жилите.
6. Исус ги раздра своите облеки и се фрли ничкум пред Господовиот Ковчег, и остана така до вечерта, тој и старешините во Израел, откако ги посипаа главите со пепел.
7. Тогаш Исус рече: „Ах, Господи Боже, зошто го преведе овој народ преку Јордан? За да нè предадеш во рацете на Аморејците за да не погубат? Камо среќа да останевме на онаа страна на Јордан!
8. Прости, Господи! Што да речам друго, кога Израел ги сврте плеќите пред своите непријатели?
9. Ако го чујат тоа Ханаанците и другите жители на земјата, ќе се здружат против нас и ќе го избришат нашето име од земјата. И така, што ќе направиш за Своето големо Име?”
10. А Господ му одговори на Исуса: „Стани! Зошто падна ничкум?
11. Израел згреши: го прекршија Заветот со кој ги обврзав. Навистина го зедоа проколнатото, откраднаа, излагаа и присвоија.
12. И затоа Израелците не можат да издржат пред своите непријатели, ги вртат грбовите пред противниците зашто станаа проклети. Јас не можам веќе да бидам со вас, ако од својата средина не ги отстраните проклетите.
13. Стани! Свикај го народот на посветување и речи му: ‘Посветете се за утре, зашто вака вели Господ, Израелевиот Бог: „Проклетство е во тебе, Израелу; и не ќе издржиш пред своите иепријатели сè додека не го отстраните проклетството од своја средина. „
14. Затоа утре во мугрите пристапите племе по племе; од племето што ќе го одреди Господ ќе пристапи род по род, а тогаш од родот што ќе го означи Господ ќе пристапи семејство по семејство, а од семејството што ќе го означи Господ ќе пристапи човек по човек.
15. И кој ќе се најде тогаш со проколнатата работа, нека биде изгорен тој и сè што му припаѓа, зашто го прекрши Господовиот Завет и го засрами Израел.’”
16. Подрани Исус наутро и го повика Израел по племиња; пристапија, и беше откриено Јудиното племе.
17. Потоа пристапија род по род од Јудиното племе, и се најде Зарииниот род. Пристапија семејствата на Зарииниот род, домаќин еден по друг, и го пронајдоа Завдиевото семејство.