Исус Навин 4:7-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Ќе им речете: ‘Водата на Јордан се раздели пред Ковчегот на Господовиот Завет, кога поминуваше преку Јордан.’ И овие камења ќе им бидат вечен спомен на Израелевите синови.”

8. Израелците направија како што им заповеда Исус, зедоа дванаесет камења од средината на Јордан, според бројот на Израелевите племиња, како што Господ му нареди на Исуса: ги однесоа до своето ноќевалиште и ги положија таму.

9. Потоа Исус постави дванаесет камења среде Јордан, на местото каде што стоеја нозете на свештениците, кои го носеа Ковчегот на Заветот. Таму стојат и денес.

10. Свештениците, кои го носеа Ковчегот, стоеја среде Јордан, сè додека не беше извршено сè што Господ му заповеда на Исуса да направи народот, сосем онака како што Мојсеј му беше наредил на Исуса. А сиот народ преминуваше брзо.

11. Откако помина сиот народ, преминаа и свештениците со Господовиот Ковчег на Господовиот Завет и тргнаа пред народот.

12. Тогаш Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе, во бојна опрема, застанаа на чело на Израелевите синови, како што им беше заповедал Мојсеј.

13. Околу четириесет илјади вооружени луѓе поминаа пред Господа за да се борат на Ерихонските Полиња.

14. Во тој ден Господ го возвиши Исуса пред сиот Израел, и сите се боеја од него, како некогаш од Мојсеја, во сите денови на неговиот живот.

15. Господ му рече на Исуса:

16. ”Заповеди им на свештениците, кои го носат Ковчегот на Заветот, да излезат од Јордан.”

17. Тогаш Исус им заповеда на свештениците: „Излезете од Јордан!”

18. А штом свештениците, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, излегоа од средината на Јордан и стапнаа со нозете на суво, водите на Јордан се вратија на своето место и почнаа да течат како и порано преку своите брегови.

19. Народот излезе од Јордан во десеттиот ден на првиот месец. Тогаш се настанија во Галгал, источно од Ерихон.

Исус Навин 4