Исус Навин 22:17-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Зар не ви е доста злосторот од Фегор, од кого уште не се очистивме до денешен ден и заради кого дојде помор врз Господовата заедница?

18. Ако денес се одвратувате од Господа и ако се буните денес против Него, не ќе ли се излее утре Неговиот гнев на сета Израелева заедница?

19. Или ви е можеби нечиста земјата на вашето наследство? Тогаш преминете во земјата на Господовото наследство, во која е Господовото Престојувалиште, и земете дел меѓу нас. Ама не бунете се против Господа и не бунете се против нас, издигајќи си жртвеник покрај жртвеникот на Господа, нашиот Бог.

20. Не направи ли грев сам, Ахан Зариниот син, за „херемот,” па гневот падна на сета Израелева заедница? Зар не умре заради својата кривица?’”

21. Тогаш одговорија Рувимовите синови, Гадовите синови и половината на Манасиевото племе, велејќи им на Израелевите главатари:

22. ”Бог, Господ Бог, Бог над боговите, Господ знае и Израел нека знае: ако тоа беше побуна или престап против Господа, нека ни ја скрати Својата помош денес;

23. ако го подигнавме жртвеникот за да се одвратиме од Господа и за да принесуваме жртви паленици, лебни приноси и помирителни жртви, тогаш Господ нека ни суди!

24. Тоа го направивме од грижа и страв и рековме: ‘Еден ден вашите синови ќе им речат на нашите: „Што ви е заедничко со Господа, Израелевиот Бог?

25. Зар Господ, Рувимови синови и Гадови синови, не ја стави меѓу вас и нас нашата меѓа Јордан? Вие немате дел во Господа.” И така вашите синови би можеле да направат нашите синови да се одвратат па да не го почитуваат Господа.’

26. Затоа рековме: ‘Да подигнеме жртвеник, но не за паленици ниту за жртви

27. туку за да биде сведоштво меѓу нас и вас, дека сакаме да Му служиме на Господа со наши жртви и со наши благодарности. Така да не можат некогаш вашите синови да им речат на нашите: „Немате дел во Господа.”‘

28. Ако некогаш би ни рекле нам и на нашите потомци, би можеле да одговориме: ‘Погледајте го обликот на Господовиот жртвеник, што го подигнаа нашите татковци, не за паленици ниту за жртви туку за сведоштво меѓу нас и вас.’

29. Ни на крај на паметот не ни е мислата да се буниме против Господа и да се одвратиме од Него подигајќи жртвеник за паленици, за лебни приноси и жртви, освен жртвеникот на Господа, нашиот Бог, што е пред Неговото Живеалиште!”

30. Кога свештеникот Финес, кнезовите на собирот и главатарите на Израелевите илјади, кои беа со нив, ги чуја зборовите што им ги рекоа Гадовите синови, Рувимовите синови и Манасиевите синови, се смирија.

31. Тогаш свештеникот Финес, синот Елеазаров, им одговори на Рувимовите синови, на Гадовите синови и на Манасиевите синови: „Сега сознавме дека е Господ меѓу нас, зашто не му изневеривте: така ги запазивте Израелевите синови од Господовата казна.”

32. Свештеникот Финес, синот Елеазаров, и кнезовите си отидоа од Рувимовите синови и од Гадовите синови, и се вратија од галадската земја во ханаанската кај Израелевите синови, и им го кажаа одговорот.

33. На Израелевите синови им беше мил тој одговор Го фалеа Бога и се откажаа од наумот да удрат против нив и да ја запустат земјата во која живееја Рувимовите синови и Гадовите синови.

Исус Навин 22