Исус Навин 11:13-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Од другите градови, што се креваа на своите брежиња, Израелците не изгореа ниеден, освен Асор, што го опожари Исус.

14. Сиот плен од тие градови и добитокот, Израелевите синови ги поделија меѓу себе, а сите луѓе ги погубија со острилото на мечот, ги истребија, и не остана ни жива душа.

15. Сè што Господ му заповеда на Својот слуга Мојсеј, Мојсеј му заповеда на Исуса, а Исус изврши сè, не изоставајќи ништо од сè што Господ му беше заповедал на Мојсеја.

16. Така Исус ја зазеде целата земја: Горјето, сиот Негев и сета земја Госен, Шефел, Араба, Израелското Горје и неговите брежиња,

17. од гората Алак, што се издига кон Сир, па до Вал Гад, во ливанската рамница под планината Ермон; ги зароби сите нивни цареви, ги порази и ги погуби.

18. Исус војуваше долго време со тие цареви.

19. Немаше ниту еден град кој склучил мир со Израелевите синови, освен Евејците, кои живееја во Гаваон: сите ги зазедоа со војна.

20. Господ им ги окорави срцата, па излегоа во бој против Израел и паднаа под „херем,” проклетство без смилување, за да бидат истребени, како што Господ му заповеда на Мојсеја.

21. Во тоа време дојде Исус и ги истреби Енакимците од Горјето, од Хеврон, од Давир, од Анава, од сето Јудино Горје и од сето Израелево Горје: ги предаде на „Херем,” на уништување, нив и сите нивни градови.

22. Така не остана ниеден Енакимец во сета земја на Израелевите синови, освен во Газа, Гат и Азот.

23. Исус ја зазеде сета земја, како што Господ му беше рекол на Мојсеја, и му ја даде во наследство на Израел, поделувајќи ја по племињата.

Исус Навин 11