Исус Навин 10:21-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. народот се врати здрав и цел кон Исуса во логорот во Макид. И никој веќе ни да писне против Израелевите синови.

22. Тогаш Исус рече: „Отворете го влезот на пештерата и извадете ми ги оттаму оние пет цареви.”

23. Така и направија: ги изведоа кај него од пештерата петте цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахискиот цар и еглонскиот цар.

24. А кога ги изведоа, Исус ги повика сите Израелци и им рече на војсководачите, кои го придружуваа: „Приближете се и застанете со своите нозе на вратовите на овие цареви.” Тие се приближија и им застанаа со своите нозе на вратовите.

25. Исус рече: „Не бојте се и не плашете се! Бидете храбри и смели, зашто Господ ќе им направи така на сите ваши непријатели, со кои ќе се борите.”

26. Потоа Исус нареди да ги погубат и да ги обесат на пет дрва, и висеа таму до вечерта.

27. А при зајдисонце Исус заповеда да ги симнат од дрвата и да ги фрлат во онаа иста пештера во која се беа засолнале, та на отворот навалија големи камења, што стојат и денес таму.

28. Во истиот ден Исус го зазеде Макид: удри на градот со острилото на мечот и го погуби неговиот цар, и сè живо во градот му го предаде на клетото уништување, не оставајќи никого да избега. И направи со макидскиот цар како што направи со ерихонскиот цар.

29. Потоа отиде Исус и сиот Израел од Макид во Ливна и удри на неа.

30. Господ и неа и нејзиниот цар ги предаде во рацете на Израел, кој со острилото на мечот истреби сè живо во неа; не поштеди никого, а со царот на Ливна направи како и со ерихонскиот цар.

31. Потоа отиде Исус и сите Израелци од Ливна во Лахис, го опсади и го нападна.

Исус Навин 10