Исус Навин 10:12-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Во оној ден кога Господ им ги предаде Аморејците на Израелевите синови, Исус му се обрати на Господа и извика пред Израелците: „Сонце, застани над Гаваон, и месечино, над долината Еалон!”

13. И сонцето застана, и месечината се запре сè додека народот не им се одмазди на своите непријатели. Не пишува ли за тоа во книжниот свиток на Праведникот? И сонцето застана среде небо и не се навали кон запад речиси цел ден.

14. Немаше таков ден ни порано ни после, така што Господ му се одѕва на човечкиот глас. Така Господ војуваше за Израел.

15. Потоа Исус се врати, и сиот Израел со него, во галгалскиот логор.

16. А оние пет цареви избегаа и се сокрија во пештерата кај Макид.

17. Му јавија на Исуса: „Откриени се петте цареви скриени во пештерата кај Макид.”

18. А Исус рече: „Навалете големи камења на отворот на пештерата и поставете луѓе пред неа за да ја чуваат.

19. А вие другите не задржувајте се, туку терајте ги своите непријатели и удирајте ги од зад грб; не оставајте ги да влезат во своите градови, зашто Господ, вашиот Бог, ги предаде во ваши раце.”

20. А кога Исус и Израелевите синови ја привршија битката со тежок колеж - им избегаа само неколку преживеани во цврсти градови -

21. народот се врати здрав и цел кон Исуса во логорот во Макид. И никој веќе ни да писне против Израелевите синови.

22. Тогаш Исус рече: „Отворете го влезот на пештерата и извадете ми ги оттаму оние пет цареви.”

23. Така и направија: ги изведоа кај него од пештерата петте цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахискиот цар и еглонскиот цар.

Исус Навин 10