1. „Послушајте ме, вие кои се стремите кон правдата, кои Го барате Господа; погледајте ја стената од која сте отсечени, и длабоката јама од која сте извадени.
2. Погледајте го својот татко Авраам и Сара, која ве роди! Да, сам беше кога го повикав, но го благословив и го размножив.”
3. Да, Господ се сожали за Сион, се сожали за неговите урнатини. Неговата пустота ќе ја направи како Едем, а степата како Господовата Градина. Воскликнувања и радост ќе одекнуваат низ неа и благодарници и глас на пофална песна.
4. „Слушај ме внимателно, народе Мој, Послушајте ме народи! Зашто Законот доаѓа од Мене и Моето право за светлина на народите.
5. Брзо ќе стигне Мојата правда, Моето спасение ќе дојде како светлина. Мојата мишка ќе им суди на народите. Мене ме чекаат островите и се надеваат во Мојата мишка.
6. Подигнете ги очите кон небото погледајте долу на земјата. Небесата ќе се расплинат како дим, Земјата ќе остарее како облека, ќе и ги снема жителите како комарци. Но Моето спасение ќе трае довека, и Мојата правда не ќе има крај.
7. Послушајте Ме, вие кои ја познавате правдата, народе, во чие срце е Мојот Закон. Не бојте се од човечките хули, не плашете се од навреди!
8. Зашто молецот ќе ги разјаде како облека, црвот ќе ги изеде како волна. Но Мојата правда ќе трае довека, и Моето спасение од род до род.”