3. Тој не ја крши напукнатата трска ниту ја гасне светилката што тлее. Верно Тој донесува правда,
4. не постанува и не се истоштува, додека не воспостави правда на земјата. Островите копнеат по Неговата наука.”
5. Вака зборува Господ, Бог, Кој ги создаде и ги оптегна небесата, Кој ја распростре земјата и нејзините растенија, Кој им дава здив на народите на неа, и здив на суштествата што одат по неа.
6. „Јас, Господ, те повикав во правда, те зедов цврсто за рака; те вообличив и те поставив за Завет на народот и за светлина на племињата,
7. за да им ги отвориш очите на слепите, за да ги извадиш затворениците од темницата, од темнината оние што живеат во мрак.
8. Јас, Господ Ми е Име, не му ја давам Мојата Слава на друг, ниту Својата чест на киповите.
9. Што прореков порано, ете, се збидна, и нови настани Јас навестувам, и пред да се покажат, ви ги јавувам вам.”
10. Пејте Му на Господа нова песна и Негова фалба од крајот на земјата, нека Го слави морето со сè што е во него, островите и нивните жители!