Исаија 41:11-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Ете, ќе се засрамат и ќе се смутат, сите кои беснееја на тебе, ќе бидат уништени и ќе пропаднат оние кои се спореа со тебе!

12. Ќе ги бараш твоите противници, но не ќе ги најдеш. Ќе бидат уништени, како да не постоеле оние кои војуваат против тебе.

13. Зашто Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница и ти велам: ‘Не бој се, Јас ти помагам.’

14. Не бој се, Јакове, црвче, Израелу, ларво, Јас Сум твоја помош - говори Господ - Израелевиот Светец е твој искупител.

15. Ете, те правам остра брана со нови, двојни запци; ќе ги вршиш и ќе ги сотреш планините, ќе ги претвориш бреговите во прав.

16. Ќе ги вееш, ветерот ќе ги однесе, виорот ќе ги распрсне. А ти ќе воскликнуваш во Господа, и ќе се фалиш со Израелевиот Светец.

17. Немоќните и бедните бараат вода, а неа ја нема! Јазикот им се осуши од жед. Јас, Господ, ќе ги послушам нив, Јас, Израелевиот Бог, нема да ги оставам.

18. Ќе отворам реки на голите брегови, и извори среде доловите. Ќе ја претворам пустината во езеро, а сувата земја во кладенци.

19. Ќе посадам во пустината: кедар, багрем, мирта и маслинка. Степата ќе ја пошумам со чемпрес, со јавор и со бука заедно.

20. Сите нека видат и нека знаат, нека размислат и нека сфатат: Господовата рака го направи тоа, Израелевиот Светец создаде сè.”

21. „Изнесете го својот спор,” вели Господ, „предочете ги доказите,” вели Израелевиот Цар.

22. „Нека пристапат и нека ни јават она што ќе се збидне. Па зошто ни открија за она што беше, што се исполнило, за да мислиме за тоа? Или известете што ќе биде, за да дознаеме за она што доаѓа?

23. Откријте ни што ќе се случи после и ќе познаеме дека сте богови. Направете нешто, добро или зло, за да се зачудиме и да се исплашиме заедно.

24. Но вие не сте ништо и вашите дела се ништожни, гнасен е кој ќе ве избере.

Исаија 41