4. Ене ги неговите кнезови веќе во Соан, пратениците стигнаа во Ханес:
5. сите тие ќе се разочараат во неполезниот народ, не ќе им биде на помош ниту во полза, туку за срам и срамота.”
6. Пророштво за негевските животни: Низ земјата на неволја и беда, на лавицата и лавот што рика, на лутицата и на крилестиот змев, тие го носат богатството на плеќите на ослињата, и сокровиштата на грбот на камилата, им го носат на неполезниот народ.
7. Зашто е суетна и ништожна помошта на Египет затоа и го наречувам: Рахав - самофалец, кој само седи.
8. Сега напиши на даска и запиши во книжен свиток, за да им остане сведоштво на идните времиња.
9. Ова е непокорен народ, лажливи синови, синови кои не сакаат да го слушаат Господовиот Закон.
10. На гледачите тие им велат: „Откажете се од гледањето!” а на пророците: „Не пророкувајте ја вистината! Претскажувајте што ни е пријатно, пророкувајте ни предвидувања!
11. Свртите од патот, отклонете се од патеката, отстранете ни го од пред очи Израелевиот Светец!”
12. Затоа вака вели Израелевиот Светец: „Зашто го отфрлате ова слово, а се надевате на нечесност и измама, и се потпирате врз нив,
13. тој грев ќе ви биде како распуканица, надуена високо на ѕидот, што се заканува со паѓање:
14. да се урне како што се крши глинениот сад, па меѓу неговите парчиња не ќе се најде ни парченце за да земеш жар од огништето или да зафатиш вода од кладенецот.”
15. Зашто вака зборува Господ Господ, Израелевиот Светец: „Во враќање и почивање е вашето спасение, во смирена надеж е вашата сила,” но вие не сакавте.
16. Рековте: „Не! Ќе избегаме на коњите!” - и затоа, ќе бегате! „Ќе јаваме на брзи коњи!” - и затоа, вашите непријатели ќе бидат побрзи!