Исаија 26:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во оној ден, ќе ја пеам оваа песна во Јудината Земја: „Ние имаме цврст град: за одбрана Тој ни крева ѕидови и предѕидишта.

2. Отворете ги вратите! Нека влезе праведниот народ, кој ја пази верноста,

3. чие значење е цврсто, кој го чува мирот зашто се надева во Тебе.

4. Надевајте се во Господа довека, зашто Господ е Вечна Стена;

5. Тој ги соборува оние кои живееја високо, разурнува висока крепост, ја разурнува во прав, ја срамнува со земјата,

6. па ја газат нозе, нозете на бедните и чекорите на сиромашните.”

7. Патот на праведникот е прав, Ти ја рамниш патеката на праведниот.

8. Да, на патеката на Твоите судови, Господи, Те чекаме желно; душата ни копнее по Твоето Име и по Твојот спомен.

9. Со својата душа копнеам по Тебе ноќе, и со својот дух Те барам во себе, во зори. Зашто кога Твоите судови се појавуваат на земјата, жителите на земниот круг се учат на правда.

10. Ако биде помилуван безбожникот тој не се учи на праведност. Во земјата на правдата тој прави беззаконие и не се обѕира на Господовото величие.

Исаија 26