Галатите 4:8-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Но вие порано, не познавајќи Го Бога, им служевте ропски на боговите, кои по природа не се тоа.

9. А сега, кога Го познавате Бога, или уште подобро: откако Бог ве позна вас - како можете пак да им се враќате на слабите и бедни елементарни учења, на кои сакате пак одново да им служите ропски?

10. Внимавате на деновите, и месеците, и времињата, и годините.

11. Се плашам за вас, да не се трудев напразно за вас.

12. Ве молам, браќа, бидете каков што сум јас, зашто и јас сум како вас! Вие со ништо не сте ме навредиле.

13. А знаете дека за првпат во телесна слабост, ви го проповедав Евангелието;

14. и искушението, кое беше за вас, во моето тело, не го отфрливте, ниту се згнасивте од него; туку ме примивте како Божји ангел, како Христа Исуса.

15. Сега, каде е она ваше блаженство? Зашто ви сведочам, дека кога би било можно, би ги извадиле своите очи и би ми ги дале мене.

16. Дали ви станав непријател затоа, што ви ја зборувам вистината?

17. Тие не ревнуваат добро за вас, туку сакаат да ве одвојат, за да ревнувате за нив.

Галатите 4