Езекиел 40:17-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Потоа ме одведе во надворешниот двор на Домот. И ете, сè околу дворот простории и плочник. Триесет простории врз плочник.

18. Подот беше од секоја страна на вратата и му одговараше на рамништето на вратата. Тоа е долниот под.

19. Тој ја измери широчината на дворот од долната врата до внатрешниот двор, од надворешната страна: сто лакти на исток и на север.

20. И ги измери широчината и должината на северната врата на надворешниот двор.

21. А таа имаше по три соби од секоја страна, а нивните столбови и тремови со исти мерки како кај првата врата: во должина педесет лакти и во широчина дваесет и пет лакти.

22. Нивните прозорци, тремови и палми беа со исти мерки како на источната врата, а на нивниот приод седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна.

23. Внатрешниот двор имаше врата што беше спроти северната врата како и источната. Тој измери: меѓу едната и другата врата имаше сто лакти.

24. Потоа ме одведе кон југ, и ете: таму врата. Ги измери таму собите, полустолбовите и тремовите: беа со иста мерка.

25. Таа и нејзините тремови имаа сè наоколу прозорци што беа како и оние првите. Должината и тука изнесуваше педесет лакти, а широчината дваесет и пет.

26. Кон вратите водеа седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна, а на столбовите имаа по една палма од секоја страна.

27. Внатрешниот двор имаше една врата и од јужната страна. Тој измери: од таа врата до јужната врата - сто лакти.

28. Потоа ме воведе низ јужната врата во внатрешниот двор. И ја измери јужната врата: беше со исти мерки.

29. Собите, столбовите и тремовите беа со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Тука беа педесет лакти во должина дваесет и пет лакти во широчина.

30. А сè наоколу тремови: долги дваесет и пет лакти, а широки пет лакти.

31. Тремовите се тегнеа кон надворешниот двор. На нивните полустолбови палми, а пристапот кон нив имаше осум басамаци.

32. Потоа ме поведе кон источната врата на внатрешниот двор. И ја измери вратата: беа со исти мерки.

33. Нивните соби, полустолбови и тремови беа исто така со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Во должина беа педесет лакти, а во широчина дваесет и пет.

Езекиел 40