9. Ќе излезат жителите на Израелевите градови, ќе запалат оган и ќе ги изгорат оружјето, штитовите, лаковите и стрелите, копјата и сулиците - со нив ќе палат оган седум години.
10. Не ќе носат дрва од полето ниту ќе сечат по горите, туку ќе го палат огнот со оружје. И ќе ги запленат оние што нив ги пленеа, ќе ги ограбат оние што нив ги ограбуваа” - говори Господ Бог.
11. Во оној ден ќе му дадам на Гога за гроб прочуено место во Израел: долината Абарим, источно од Морето, што им го затворува патот на минувачите; таму ќе ги закопаат Гога и сето негово мноштво. И долината ќе се нарече Хамон-Гога (Гогови множества).
12. И домот Израелев ќе ги закопува седум месеци за да ја очистат земјата.
13. И сиот народ ќе ги закопува, ќе им биде славен денот во кој ќе се прославам, говори Господ Бог.
14. Ќе изберат луѓе да поминуваат непрекратно низ земјата, со помош на минувачите ќе ги закопуваат останатите на земјата, за да ја очистат; а после седум месеци ќе направат проверка.
15. И кога некој, минувајќи низ земјата, ќе види човечки коски, ќе подигне покрај нив надгробник додека гробарите не ги закопаат во долината Хамон-Гога.
16. Хамона е име и на градот. И така, ќе ја очистат земјата.”‘
17. А ти, човечки сине, Господ Бог зборува вака: ‘Речи им на птиците, на сè што е крилесто и на сите ѕверови: „Соберете се и дојдете! Соберете се отсекаде на Мојата жртва, што ја колам за вас, на големата гозба по Израелевите гори, за да се најадете месо и за да се напиете крв.
18. Најадете се месо од јунаци и напијте се крв од земните кнезови, од овни, од јагниња, од јарци, од јунци, од згоен васански добиток!
19. Најадете се мрсно до наситување и напијте се до опијанување од крвта на Моите жртви што ви ги заклав за вас.
20. Наситете се на мојот стол со коњи и коњаници, со јунаци и секакви војници! - зборува Господ Бог.
21. Таќа ќе се прославам меѓу народите, и сите народи ќе ги видат судот што ќе го извршам и раката што ќе ја дигнам против нив.
22. Ќе знае Израелевиот дом дека Јас Сум Господ, нивниот Бог - од тој ден засекогаш.
23. И ќе знаат народите дека Израелевиот дом беше одведен во ропство заради своите престапи: Ме изневери па го скрив Моето лице од нив и ги предадов во рацете на нивните непријатели, за да загинат од меч.
24. Постапив со нив според нивната нечистота и според нивните престапи, и го скрив Моето лице од нив.”‘
25. Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Сега ќе го вратам Јакововото робје и ќе го помилувам сиот Израелев дом - ревнив на Моето свето име,
26. ќе им го простам: срамот и сите неверства со кое што Ме изневерија додека уште живееја спокојно во земјата и немаше никој за да ги заплашува.
27. А кога ќе ги доведам од народите и ќе ги соберам од непријателските земји, и кога врз нив пред очите на многу народи, ќе ја покажам Мојата светост,
28. ќе знаат дека Јас Сум Господ, нивниот Бог, Кој ги одведе во ропство меѓу народите и Кој пак ќе ги собере во нивната земја, не оставајќи онаму ниту еден од нив.