Езекиел 39:14-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Ќе изберат луѓе да поминуваат непрекратно низ земјата, со помош на минувачите ќе ги закопуваат останатите на земјата, за да ја очистат; а после седум месеци ќе направат проверка.

15. И кога некој, минувајќи низ земјата, ќе види човечки коски, ќе подигне покрај нив надгробник додека гробарите не ги закопаат во долината Хамон-Гога.

16. Хамона е име и на градот. И така, ќе ја очистат земјата.”‘

17. А ти, човечки сине, Господ Бог зборува вака: ‘Речи им на птиците, на сè што е крилесто и на сите ѕверови: „Соберете се и дојдете! Соберете се отсекаде на Мојата жртва, што ја колам за вас, на големата гозба по Израелевите гори, за да се најадете месо и за да се напиете крв.

18. Најадете се месо од јунаци и напијте се крв од земните кнезови, од овни, од јагниња, од јарци, од јунци, од згоен васански добиток!

19. Најадете се мрсно до наситување и напијте се до опијанување од крвта на Моите жртви што ви ги заклав за вас.

20. Наситете се на мојот стол со коњи и коњаници, со јунаци и секакви војници! - зборува Господ Бог.

21. Таќа ќе се прославам меѓу народите, и сите народи ќе ги видат судот што ќе го извршам и раката што ќе ја дигнам против нив.

22. Ќе знае Израелевиот дом дека Јас Сум Господ, нивниот Бог - од тој ден засекогаш.

23. И ќе знаат народите дека Израелевиот дом беше одведен во ропство заради своите престапи: Ме изневери па го скрив Моето лице од нив и ги предадов во рацете на нивните непријатели, за да загинат од меч.

24. Постапив со нив според нивната нечистота и според нивните престапи, и го скрив Моето лице од нив.”‘

Езекиел 39