11. Одговори им: ‘Животот Ми Мој - говори Господ Бог - Мене не Ми е до смртта на безбожникот, туку да се одврати од својот лош пат и да живее! И така, обратете се од својот лош пат! Зошто да умрете, Израелев дому!’
12. Човечки сине, речи им на синовите на својот народ: ‘Праведникот нема да го избави неговата праведност во денот кога ќе согреши, ниту безбожникот ќе страда заради својата безбожност во денот кога ќе се одврати од неа, како што ни праведникот не ќе може да остане во живот во денот кога ќе согреши.’
13. Ако му речам на праведникот: ‘Ќе живееш!’ а тој почне да се надева во својата праведност и почне да прави неправда, ќе ја заборавам сета негова праведност, и тој ќе умре заради неправдата што ја направи!
14. Ако му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш!’ а тој се одврати од својот грев и почне да прави по законот и правдата;
15. го враќа залогот, го плаќа ограбеното, не правејќи беззаконија - ќе живее, нема да умре!
16. И сите гревови што ги имаше направено ќе му бидат заборавени. Работи според законот и правдата, ќе живее!
17. Но синовите на твојот народ говорат: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Нивниот пат не е праведен!
18. Ако праведникот се одврати од својата правда и почне да прави неправда, тој ќе умре заради тоа.
19. А ако безбожникот се одврати од својата безбожност и почне да работи според законот и правдата, тој ќе живее заради тоа.
20. А вие велите: ‘Господовиот пат не е праведен!’ На секој од вас ќе ви судам според неговите патишта, Израелев дому!”
21. Во дванаесетата година, во десетиот месец, во петтиот ден на нашето поробување, кај мене дојде бегалец од Ерусалим и рече: „Градот падна!”
22. Господовата рака се спушти врз мене приквечер пред доаѓањето на тој бегалец, и ми ја отвори устата пред тој да дојде кај мене наутро! И така, ми се отвори устата и јас веќе не бев нем.
23. И ми дојде Господово слово:
24. ”Човечки сине, оние кои што живеат во овие урнатини на Израелевата Земја говорат: ‘Еден беше Авраам, и ја наследи оваа земја, а ние сме многу - нам ни е дадена земјата во сопственост!’
25. Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Вие јадете по горите, ги подигате своите очи кон идолите, пролевате крв - и уште да ја имате во сопственост оваа земја?
26. Се потпирате врз својот меч, правите гадости, ја обесчестувате жената на својот ближен - и уште да ја имате во сопственост оваа земја?”‘
27. Речи им го ова: ‘Господ Бог зборува вака: „Животот Ми Мој, оние кои се во урнатините, ќе загинат од меч; оние кои се во полето, ќе ги дадам на ѕверовите да ги проголтаат, а кои се во тврдините и во пештерите, ќе загинат од помор!
28. Така ќе ја разурнам и ќе ја запустам оваа земја, и ќе ја снема засекогаш дрскоста на нејзината гордост. Ќе запустеат Израелевите гори, и веќе никој не ќе поминува низ нив.
29. И ќе знаат дека Јас Сум Господ, кога ќе ја разурнам и запустам нивната земја заради сите гадости што ги направија.”‘