Езекиел 32:6-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Со тоа што ќе истече од тебе ќе ја напојам земјата; со твојата крв по горите и со неа ќе ги наполнам речните корита.

7. А кога ќе те угаснам, ќе ги смрачам небесата и ќе ги згаснам ѕвездите на нив! Со облак ќе го покријам сонцето и месечината не ќе свети со светлина.

8. Заради тебе ќе ги угаснам сите светилки на небото; и ќе распрострам мрак над земјата!’ говори Господ Бог!

9. ’Ќе ги смутам срцата на многу народи кога ќе ги одведам твоите заточеници во земја што ти е непозната.

10. Стравот ќе опфати многу народи, а нивните цареви ќе се ужаснат над тебе пред нивни очи. И во денот на твоето паѓање секој ќе трепери непрекратно за својот живот.’

11. Зашто Господ Бог зборува вака: ‘Мечот на вавилонскиот цар ќе се спушти врз тебе.

12. Твоите множества ќе ги погубам со мечевите на јунаците, на најлутиот од сите народи, ќе ја уништи гордоста на Египет и ќе го сотре сето негово множество.

13. Ќе го уништам сиот негов добиток покрај изобилните води и човечката нога веќе не ќе ги гази, ниту животинско копито ќе ги мати.

14. Тогаш пак ќе им ги стивнам водите и ќе направам реките да им течат како масло - говори Господ Бог.

15. Кога ќе ја направам пустина Египетската Земја, кога ќе биде ограбено што е во неа; кога ќе ги поразам сите нејзини жители, ќе знаат дека Јас Сум Господ.

16. Тоа е тажачка што ќе се тажи. Ќе ја тажат над Египет и над сето негово множество - говори Господ Господ.”

17. Во дванаесеттата година, во првиот месец, во петнаесеттиот ден, ми дојде Господовото слово:

18. ”Човечки сине, тажи по египетското множество, турни го, него и ќерките на славните народи, во подземниот крај, како оние што слегоа во јамата.

19. Од кого си поубав? Слези и почини со необрезаните.

20. Тие ќе паднат меѓу оние кои мечот ги покоси; на меч се предадоа, ќе добијат легло со сето множество.

21. Најхрабрите јунаци ќе му зборуваат од срцето на гробот: ‘Ти и твоите помошници, слезете и починете со необрезаните, покосени од меч!’

Езекиел 32