24. И ќе дојдат против тебе од север многубројни коњи и коли со мноштво народи и ќе се наредат отсекаде против тебе со штитови, со кациги и со оклопи. Ним ќе те предадам на суд, и со свој суд ќе ти судат.
25. Ќе ја оборам врз тебе сета своја ревност, нека постапат јаросно со тебе; нека ти ги отсечат носот и ушите, а твојот остаток нека падне од меч; да ти ги одведат синовите и ќерките, а твојот остаток огнот нека го проголта.
26. И ќе ги скинат од тебе твоите облеки и ќе ти ги ограбат сите твои накити.
27. Така ќе ги докрајчам сиот твој срам и блудничењето, сè таму од Египет: не ќе ги подигаш веќе очите кон нив и не ќе си спомнуваш веќе за Египет!’
28. Зашто, Господ Бог зборува вака: ‘Еве ме! Ќе те предадам во рацете на оние кои што ти ги замрази, кои и се згадија на твојата душа.
29. Нека ја излеат врз тебе својата омраза, нека ти ја преземат сета мака, а тебе нека те остават гола и разголена! Нека се открие сета голота на твоето блудство и на бесрамноста, на твоето блудствување.