33. Животот Ми Мој - зборува Господ Бог - ќе владеам со вас со силна рака и со подигната мишка, во сета жестокост на Својата јарост.
34. Ќе ве изведам од народите, ќе ве соберам од сите земји во кои што бевте распрснати со силна рака и со подигната мишка во сиот пламен на Мојата јарост!
35. Ќе ве одведам во пустината на народите и таму ќе ви судам лице в лице!
36. Како што им судев на вашите татковци во пустината на Египетската Земја, и вам ќе ви судам - говори Господ Бог!
37. Ќе ве поминам под Својот жезал, ќе се вратите во мал број,
38. ќе ги одделам од меѓу вас сите кои се побунија и се одметнаа од Мене: ќе ги изведам од земјата во која што престојуваат како придојденци, но - во Израелевата Земја никогаш не ќе влезат! И ќе знаат дека Јас Сум Господ!
39. А вие, доме Израелев, - вака зборува Господ Бог - само одете и натаму служете му секој на својот идол! Еднаш, ви се колнам, ќе послушате и веќе не ќе го хулите Моето свето Име со своите приноси и идоли:
40. На Мојата Света Гора, на високата Израелева Гора - вели Господ Бог - ќе ми служи сиот Израелев дом, во целата земја. Таму тие ќе ми замилеат, и таму ќе ги барам вашите приноси и приносите на вашите први плодови со сите светини.