11. И така Израелевиот дом веќе не ќе се одметнува од Мене и не ќе се валка веќе со своите беззаконија: тој ќе биде Мој народ, а Јас ќе бидам негов Бог - говори Господ, Бог.’”
12. И ми дојде Господовото слово:
13. ”Човечки сине, ако згреши некоја земја против Мене со невера, и Јас ја кренам раката против неа, та и ја уништам и последната поткрепа во леб, и ако пуштам глад на неа за да ги сотрам во неа сите луѓе и добитокот;
14. ако останат во неа само тројца луѓе - Ное, Даниел и Јов - тие ќе се спасат со својата праведност - говори Господ Бог.
15. Исто така, ако против таа земја пуштам диви ѕверови, за да и ги уништат децата, а неа ја претворат во пустина, низ која никој не ќе се осмели веќе да помине заради ѕверовите;
16. ако во неа останат само тие тројца луѓе, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси, а нивната земја ќе стане вистинска пустина.
17. Или, ако Јас го истргам мечот против таа земја велејќи: ‘Мечу, помини низ оваа земја!’ за да ги истребам во неа сите луѓе и добитокот,
18. а ако во неа се најдат оние тројца луѓе, животот Ми Мој - говори Господ Бог, тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси.