5. Пред нивните очи стави го врзулецот на рамена и излези во темната ноќ.
6. Покриј го лицето, за да не ја видиш земјата, зашто те поставив како знак за Израелевиот дом!”
7. Направив како што ми беше наредено: дење ги изнесов моите работи, а ноќе го продупчив ѕидот со рацете, и пред нивните очи во темната ноќ ги ставив работите на рамена.
8. Наутро ми дојде Господовото слово:
9. ”Човечки сине, ако те праша Израелевиот дом, бунтовничкиот дом: ‘Што правиш тоа?’
10. Ти речи му: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ова е пророштво за ерусалимскиот кнез и за сиот Израелев дом што е во Ерусалим.”‘
11. Речи: ‘Јас сум ваш знак! Како што направив јас, така ќе им биде ним: сите ќе треба да се селите на заточение!’
12. Нивниот кнез ќе треба да го стави врзулецот на рамена и да излезе по темна ноќ. Ќе го продупчи ѕидот за да излезе низ него, и лицето ќе го покрие со рацете, за да не ја види земјата.
13. Јас ќе му оптегнам мрежа и ќе се фати во Мојата стапица, и ќе го одведам во Вавилон, во Халдејската земја. Но тој нема да ја здогледа и таму ќе го остави животот.
14. А сите оние околу него, помошниците и четите, ќе ги распрснам во сите ветришта и ќе го извлечам Својот меч против нив.
15. А кога ќе ги распрснам меѓу народите и кога ќе ги расеам по земјите, ќе знаат дека Јас Сум Господ.