19. Имено, кога Мојсеј му ја изговори секоја заповед според Законот на целиот народ, зеде крв од јунци и јарци со вода и со црвена волна и со исоп ги попрска: и самиот книжен свиток и целиот народ,
20. велејќи : „Ова е крвта на заветот, што Бог го склучи со вас.”
21. А исто така ги попрска со крвта Шаторот и сите богослужбени садови.
22. И по Законот речиси сè се чисти со крв, и без пролевање на крв нема проштавање.
23. И така, неопходно беше сликите на небесните нешта да се очистат со нив, а самите небесни нешта со жртви подобри од овие.
24. Зашто Христос не влезе во ракотворна Светина, која е образ на вистинската, туку во самото небо, за да се јави сега пред Божјото лице за нас.
25. И не за да се принесе многупати Себеси, како што првосвештеникот влегува во Светината секоја година со туѓа крв;
26. зашто инаку би требало да страда многупати од создавањето на светот. Но сега, кон крајот на вековите, Тој се јави еднаш, за да го отстрани гревот со Својата жртва.
27. И како што на човекот му е определено да умре еднаш, а потоа суд,
28. така и Христос, откако беше принесен еднаш за да ги земе гревовите на мнозина, ќе се јави вторпат без грев, а за спасение на оние кои го очекуваат.