Евреите 6:4-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Зашто е невозможно оние кои еднаш се просветени и кои го вкусиле небесниот дар, станувајќи учесници на Светиот Дух

5. и кои ги вкусиле: доброто Божјо слово и силите на идниот век,

6. а сепак отпаднале - пак повторно да бидат обновени за покајание, зашто тие повторно Го распнуваат за себеси Божјиот Син и Го срамат отворено.

7. Зашто земјата која го впива дождот, што често паѓа на неа, и која им раѓа полезни растенија на оние за кои и се обработува, добива благослов од Бога;

8. но ако раѓа трње и боцки, не чини и е близу до проклетството; нејзиниот крај е во горењето.

9. А за вас, возљубени наши, иако зборуваме вака, сме уверени за подоброто кое го придружува спасението.

10. Зашто Бог не е неправеден па да ги заборавил вашето дело и љубовта, што ја покажавте кон Неговото име, откако им послуживте и им служите на светите.

11. Но ние сакаме: секој од вас до крај да ја покаже истата ревност, за да се исполни надежта наполно,

12. и да не бидете мрзливи, туку да се угледате на оние, кои преку вера и трпение го наследуваат ветувањето.

13. Зашто кога Бог му даде ветување на Авраама, немајќи никој поголем за да се заколне во него, се заколна Сам во Себе,

14. велејќи: „Навистина ќе те благословам премногу и ќе те размножам и преумножам.”

Евреите 6