Еремија 9:13-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. И Господ рече: „Зашто го оставија Мојот Закон што им го дадов и зашто не го слушаа Мојот глас, ниту го следеа,

14. туку ги следеа своето закоравено срце и Ваалите на кои нивните татковци ги научија.”

15. Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве, ќе го наранам овој народ со пелин и ќе го напојам со горчлива вода.

16. И ќе ги распрснам меѓу народите кои не ги познаваа тие ни нивните татковци. А по нив ќе испратам меч, за да ги сотре.”

17. Господ над Воинствата зборува вака: „Внимавајте! Повикајте ги тажачките! Нека дојдат! Испратете по највештите! Нека дојдат!

18. Нека поитаат за да го запеат тажењето над нас! За да потечат солзи од нашите очи, за да потече вода од нашите клепки!

19. Од Сион достига тажењето: ‘О, како сме упропастени, многу засрамени! Зашто треба да ја оставиме земјата и да ги оставиме своите живеалишта.’”

20. И затоа, о жени, чујте го Господовото слово, и нека вашето уво го прими зборот од Неговата уста. Учете ги своите ќерки да тажат, да ридаат една за друга:

21. Смртта влезе скришум низ нашите прозорци, влезе во нашите дворови, ги покоси децата среде улицата, младите среде раскрсниците.

22. Зборувај, вака вели Господ: „И мртвите тела ќе лежат како гној по ораниците, како снопје зад жетварите, а ќе нема никој да ги собере.”

23. Господ зборува вака: „Мудрите нека не се фалат со мудроста, ни јунакот нека не се фали со смелоста, ни богатиот нека не се фали со богатството.

24. А кој сака да се фали, нека се фали со тоа што има мудрост за да Ме сознае Мене. Зашто Јас Сум Господ Кој ги твори милостта, судот и правдата на земјата, зашто тоа Ми е мило,” зборува Господ.

25. „Еве, наближуваат денови - зборува Господ - ќе ги казнам сите кои се обрежани заедно со необрежаните:

26. Египет, Јудеја, Едом, Амоновите синови и Моав, и сите оние што ги бричат крајните коси и кои престојуваат во пустината. Зашто сите тие народи се необрежани, и сиот Израелев дом е со необрежано срце.”

Еремија 9