Еремија 8:3-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Тогаш на оние што ќе останат од тие лоши племиња, по сите места каде што ќе ги распрснам, смртта ќе им биде помила од животот - слово е на Господа над Војските.

4. Речи им вака: ‘Господ зборува вака: „Ако падне некој, нема ли да стане пак? Ако заскита некој, нема ли да се врати пак?

5. Тогаш зошто ерусалимскиот народ скита упорно и непрекратно? Цврсто се држат за лагата, не сакаат да се обратат.

6. Внимавав и прислушкував: не зборуваат како што треба. Никој не се кае заради своето зло, и не вели: „Што сторив?” Секој се завртува по својот пат, како коњ што трча во бој.

7. Па и штркот под небото го знае своето време, грлицата, ластовичката и жеравот го пазат времето кога треба да се вратат. А Мојот народ не го познава Господовиот суд!

8. Како можете да тврдите: ‘Ние сме мудри, во нас е Господовиот Закон!’ Навистина, во лага го претвори лажната писалка на писарот!

9. Мудреците ќе бидат засрамени, исплашени и фатени во примка. Ете, тие го презреа Господовото слово! А нивната мудрост - што им ползува?

10. Затоа ќе им ги дадам нивните жени на странците, а нивните полиња на освојувачите. Зашто од најмалиот до најголемиот сите лакомат за плен, од пророкот до свештеникот сите се измамници.

Еремија 8