Еремија 6:11-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Преполн сум со Господовиот гнев, не можам да издржам веќе! - И така, излеј го на децата по улиците и на собирите на младите. Сите ќе ги опфати, мажот и жената, старецот и човекот на зрело доба.

12. Нивните куќи ќе им припаднат на други, а така и полињата и нивните жени. Да, ќе ја протегнам Својата рака - говори Господ, на жителите на оваа земја,

13. зашто од најмалиот до најголемиот сите лакомат за плен, од пророкот до свештеникот сите се измамници.

14. И лесно ја лечат раната на Мојот народ, викајќи: ‘Мир! Мир!’ Но нема мир.

15. Нека се засрамат што направија гнасост, но тие веќе не знаат што е срам, не умеат веќе да црвенеат. И затоа ќе испаѓаат со оние што паѓаат, ќе се срушат кога ќе почнам да казнувам - зборува Господ.

16. Господ зборува вака: „Застанете на патишта, распрашајте се за некогашните патеки: Кој пат води кон доброто? Тргнете по него и ќе најдете спокојство за своите души! Но тие рекоа: ‘Не одиме!’

17. И им поставија стражари: ‘Внимавајте на гласот на рогот!’ Но тие рекоа: ‘Не ќе внимаваме!’

18. Затоа чујте, народи, и вие пастири на нивните стада!

19. Чуј, земјо! Ете, доведувам зло на овој народ, плод на нивната побуна, зашто тие не ги слушаа Моите зборови, го отфрлија Мојот Закон.

Еремија 6