9. Зашто, еве, ќе дигнам и ќе доведам против Вавилон мноштво големи народи; од Северната Земја ќе се наредат против него - оттаму ќе биде освоен. Стрелите им се како кај искусен јунак, празни не се враќаат.
10. Халдеја ќе биде ограбена, ќе ја пљачкаат неа до наситка - говори Господ.
11. Да! Радувајте се само и воскликнувајте, вие ограбувачи на Моето наследство! Потскокнувајте како јунче на пасење! ‘Ржете како ждребиња!
12. Вашата мајка се засрами многу, се усрами вашата родителка. Еве, последна е меѓу народите: пустина, сува и непроодна.
13. Заради Господовиот гнев ќе биде без население, сета ќе запустее. Секој што ќе помине покрај Вавилон, ќе се згрози и ќе свири со уста над неговите рани.
14. Наредете се против Вавилон, опколете го. Стрелци, стрелајте во него, не ги жалите стрелите - зашто Му згрешивте на Господа.
15. Од сите страни нека екнат бојни извикувања. Тој се предава! Столбовите му паѓаат, ѕидовите му се разурнуваат: Тоа е Господовата одмазда! Одмаздете му се на Вавилон, постапувајте со него, како што постапувал тој!
16. Истребете му ги на Вавилон и сејачот и жетварот што замавнува со српот во жетварските денови! Пред насилничкиот меч секој нека се врати при својот народ, нека бега во својата земја.