19. А царот Седекија му одговори на Еремија: „Се плашам од Јудејците кои пребегаа кај Халдејците: би можеле да ме предадат и мене во нивните раце за да ми се потсмеваат.”
20. Еремија одврати: „Тие нема да го направат тоа. Послушај го Господовиот глас, според кој ти зборував, ќе ти биде добро и ќе го спасиш својот живот.
21. Ама ако не сакаш да излезеш од градот, еве го словото што Господ ми го објави:
22. ‘Ете, сите жени кои уште останаа во дворецот на јудејскиот цар ќе бидат одведени кај војсковотците на вавилонскиот цар и ќе зборуваат: „Те заведоа, Те совладаа, твоите верни пријатели! Кога нозете ти пропаѓаат во кал, тие те напуштаат!”
23. Да, сите твои жени и твои деца ќе ги одведат кај Халдејците, а ни ти самиот нема да им избегаш на нивните раце: ќе допаднеш во рацете на вавилонскиот цар, а овој град ќе биде изгорен.’”
24. Седекиј му рече на Еремија: „Никој жив не смее да научи нешто за тоа, инаку ќе умреш.
25. И така, ако кнезовите научат дека разговарав со тебе, па дојдат кај тебе и речат: ‘Та јави ни што ти кажа царот тебе, а ти нему; не криј ништо пред нас, инаку ќе те убиеме,’
26. одговори им: ‘Го молев царот да не ме враќа веќе во Јонатановата куќа, за да не умрам таму!’”
27. И навистина, кнезовите дојдоа кај Еремија, па го испитуваа. Ама тој им одговори токму онака како што му беше наредил царот. Тогаш го оставија, зашто ништо не се расчу за оној разговор.