Еремија 25:12-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Но кога ќе се наполнат седумдесетте години, ќе ги казнам вавилонскиот цар и оној народ - зборува Господ - за нивното беззаконие, и Халдејската Земја ќе ја претворам во вечни урнатини.

13. Ќе доведам врз таа земја сè што реков против неа - сè што е напишано во овој книжен свиток, што пророкуваше Еремија за сите народи.

14. И тие ќе им служат на многу народи и на големи цареви, и ќе им платам според нивните работи и според делата на нивните раце.’”

15. Вака ми рече Господ, Израелевиот Бог: „Земи ја оваа чаша со вино од Мојата рака, и напој ги со него сите народи кај кои ќе те испратам.

16. Нека пијат додека не се затетерават и додека не обезумат од мечот што ќе го испратам меѓу нив.”

17. И ја зедов чашата од Господовите раце и ги напоив од неа сите народи кај кои што ме испрати Господ:

18. Ерусалим и јудејските градови со нивните цареви и кнезови, нека бидат урнатини, потсмев и проклетство, како што се и денес;

19. фараонот, египетскиот цар, со неговите слуги и кнезови, и со неговиот народ,

20. и сета онаа мешаница од народи: сите цареви на земјата Уз, сите цареви на Филистејската Земја, Аскалон, Газа, Акарон и она што остана од Азот;

21. Едом, Моав и Амоновите синови;

22. сите цареви на Тир, сите цареви на Сидон, царевите на островите преку море;

Еремија 25