1. И ми дојде Господовото слово и рече:
2. „Не земај жена за себе; и немај ни синови ни ќерки на ова место.”
3. Зашто Господ зборува вака за ќерките и синовите што ќе се родат на ова место, и за мајките што ќе ги раѓаат, и за татковците кои ќе ги имаат во оваа земја:
4. „Тие ќе умираат со непреболна смрт, никој не ќе ги оплачува, ниту ќе ги погребе. Ќе се претворат во гној за ораниците, ќе изгинат од меч и од глад, а нивните трупови ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови.”
5. Да, Господ зборува вака: „Не смееш да влезеш во куќата на жалост, не оди да тажиш ниту да ги сожалуваш. Зашто Јас Му го скусив Својот мир на тој народ - зборува Господ - љубовта и сомилоста.
6. Ќе изумре големото и малото во оваа земја и никој не ќе ги закопа. Никој не ќе тажи над нив, ниту ќе прави зарези заради нив, ниту ќе ја стрижи косата.
7. За оној во жалоста не ќе раскшуваат леб, за да го утешат заради покојникот, ниту некој ќе му подаде чаша на утеха заради смртта на неговиот татко или на неговата мајка.
8. Не влегувај во куќа каде што прославуваат за да седиш со нив и за да се гостиш.”
9. Зашто вака зборува Господ над Восјките, Израелевиот Бог: „Еве, ќе направам да ги снема од ова место и пред вашите очи и во овие денови воскликнувањата на радост и веселба, и гласовите на младоженецот и на невестата.
10. А кога ќе му ги објавиш на народот сите овие зборови, па те прашаат: ‘Зошто Господ ни се закани со сета оваа голема несреќа; во што е нашето злосторство и во што се нашите гревови што ги направивме против Господа, нашиот Бог?’
11. Тогаш одговори им: ‘Во тоа што вашите татковци Ме оставија - говори Господ - и трчаа по туѓите богови за да им служат и за да им се клањаат, а Мене Ме оставија и не го запазија Мојот Закон.
12. А вие направивте уште полошо од вашите татковци, зашто еве, секој се поведува по закоравеноста на своето лошо срце, а Мене не Ме слуша.
13. Затоа ќе ве истерам од оваа земја во земја што ви е непозната, како што им беше и на вашите татковци. Таму ќе им служите на туѓи богови дење и ноќе; зашто веќе нема да ви се смилувам!’
14. Затоа, еве, доаѓаат дни - говори Господ - кога веќе не ќе се зборува ‘Живиот ми Господ, Кој ги изведе Израелевите синови од Египетската Земја,’
15. но ‘Живиот ми Господ, Кој ги изведе Израелевите синови од Северната Земја и од сите земји, во кои ги протера;’ зашто ќе ги вратам во нивната земја, што им ја дадов на нивните татковци.