6. Никој да не ве мами со празни зборови, зашто заради тие нешта доаѓа Божјиот гнев врз непокорните синови.
7. И така, не бидете нивни соучесници!
8. Зашто некогаш бевте темнина, но сега сте светлина во Господа; живеете како деца на светлината,
9. а плодот на Духот се состои во секаква добрина, во праведност и во вистина!
10. Испитувајте што Му е угодно на Господа!
11. И не бидете соучесници во бесплодните дела на темнината, туку подобро: прекорувајте ги!
12. Зашто е срамно да се зборува и за она што тие го вршат потајно.
13. А сè што се прекорува станува јавно преку светлината, зашто сè што станува јавно, светлина е.
14. Затоа се вели: „Стани, ти кој спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!”
15. И така, внимавајте грижливо како живеете! Не како немудри, туку како мудри;
16. искупувајте го времето, зашто дните се зли!
17. Затоа не бидете неразумни, туку разберете што е Господова волја!
18. И не се пијанете со вино, во кое е разузданоста, туку полнете се со Духот!
19. Зборувајте си еден на другиот со псалми, и химни, и со духовни песни! Пејте Му на Господа и воспевајте Го во вашите срца!
20. Благодарете Му секогаш за сè на Бог и Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос!
21. Покорувајте се еден на друг во страв од Христа!
22. Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господа,
23. зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос Глава на Црквата, и Тој е Спасител на Телото!