Ефешаните 4:10-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Тој Кој слезе, тоа е Оној истиот, Кој се издигна над сите небеса, за да исполни сè.

11. И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители,

12. за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело,

13. додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст:

14. за да не бидеме веќе деца, кои ги лулее и ги носи секој ветар на науката, што - со човечката измама и лукавство - доведува до итро измислени заблуди.

15. Туку, говорејќи ја вистината, во љубов, ние треба да растеме во сè - кон Него, Кој е Глава, Христос.

16. Од Него целото Тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секој дел дава поткрепа според една мерка на секој одделен дел; тоа прави Телото да расте за својата сопствена надградба во љубов.

17. Ова го велам и сведочам во Господа, да не живеете веќе како што одат народите во суетата на својот ум,

18. помрачени во својот разум, оттуѓени се од Божјиот живот, заради незнаењето кое владее во нив, заради закоравеноста на нивното срце.

19. Откако го изгубија чувството, тие и се предадоа себеси на разузданоста, за да прават секаква нечистота во лакомост.

20. А вие не Го познавте така Христа,

21. ако сте чуле за Него и ако сте во Него поучени онака, како што е вистината во Исуса;

22. во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби,

Ефешаните 4