Дела Ап. 9:8-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. И Савле стана од земјата; иако очите му беа отворени, не гледаше ништо. Тогаш го зедоа за рака и го воведоа во Дамаск.

9. И беше слеп три дни: и не јадеше ниту пиеше.

10. А во Дамаск беше еден ученик, по име Ананиј, и Господ му рече во привидение: „Ананиј!” А тој рече: „Еве ме, Господи!”

11. А Господ му рече: „Стани и оди во улицата, што се вика „Права,” и во Јудината куќа побарај го тарсанецот, наречен Савле! Зашто, ете, тој се моли.”

12. И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува при него и ги полага рацете на него за да прогледа.

13. Ананиј одговори: „Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите свети во Ерусалим.

14. И тука има власт од свештеничките главатари да ги врзе сите оние, кои го повикуваат Твоето име.”

15. А Господ му рече: „Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред народите, и пред царевите, и пред Израелевите синови;

16. Јас ќе му покажам колку треба да пострада за Моето име.”

17. И Ананиј отиде, и влезе во куќата и ги положи рацете на него и рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.”

Дела Ап. 9