27. зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање.
28. Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба пред Своето лице.’
29. Мажи, браќа! Можам да ви речам слободно за патријархот Давид, дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е при нас до денешен ден.
30. Но, бидејќи беше пророк и зашто знаеше дека Бог му вети со заклетва, дека од родот на неговите бедра ќе подигне Некого, на неговиот престол,
31. предвидувајќи за воскресението на Христа, рече: ‘Ниту беше оставен во Подземјето, ниту телото Му се распадна.’
32. Бог Го воскресна Овој Исус, за кое ние сите сме сведоци.
33. И така подигнат со Божјата десница, Тој Го прими од Таткото ветениот Свети Дух, и го излеа ова, што го гледате и слушате.
34. Зашто Давид не се вознесе на небесата, но самиот рече: ‘Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене;
35. додека не ги положам Твоите непријатели како подножје на Твоите нозе!’
36. И така, нека сиот Израелев дом знае веродостојно дека Бог Го направи Господ и Христос, Овој Исус, Кого вие Го распнавте!”
37. А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето и му рекоа на Петра, и на другите апостоли: „Мажи, браќа, што да правиме?”
38. А Петар им рече: „Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исуса Христа за проштавање на вашите гревови; и ќе примите дар од Светиот Дух.
39. Зашто, ова ветување е за вас, и за вашите деца, и за сите далечни, колку што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.”
40. И уште со многу други зборови сведочеше и ги опоменуваше, велејќи: „Спасете се од ова расипано поколение!”
41. И така, се крстија оние, кои го прифатија неговото слово. И во тој ден се приклучија околу три илјади души.
42. И беа постојани во апостолското учење и општувањето; и во раскршувањето на лебот и во молитвите.
43. А страв влезе во секоја душа, зашто апостолите правеа многу чудеса и знаци.
44. А сите кои поверуваа беа заедно и сè им беше општо.
45. И продаваа стоки и имоти и тоа го делеа на сите, секому според неговата потреба.
46. И секој ден беа постојано и еднодушно во Храмот; раскршуваа леб по домовите и примаа храна со радост и просто срце,
47. фалејќи Го Бога беа омилени кај сиот народ. А секој ден, Господ ги додаваше оние, кои се спасуваа.