Дела Ап. 2:17-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. ’Во последните денови - вели Господ - ќе излеам од Својот Дух на секое тело, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите младинци ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа.

18. Исто така, во тоа време, и на Своите слуги и на Своите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и ќе пророкуваат.

19. Ќе направам чудеса горе на небото, а знаци долу на земјата; крв и оган и пареа од дим.

20. Сонцето ќе се претвори во темнина, и месечината во крв, пред да дојде великиот и славен Господов ден.

21. И секој кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.’

22. Мажи Израелци! Чујте ги овие зборови: Бог во вашата средина Го потврди Исуса Назареецот со сили, чуда и знаци, што Бог ги направи преку Него меѓу вас, како што знаете самите.

23. Вие, Него, откако беше предаден според одредената волја и промисла Божја, преку рацете на беззакониците Го распнавте и убивте,

24. но Бог Го ослободи од смртните болки и Го подигна, зашто не беше можно смртта да Го задржи.

25. Зашто Давид вели за Него: ‘Постојано Го гледам Господа пред себе; Тој ми е оддесно, за да не се поместам.

26. Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик; а и моето тело ќе почива во надеж;

27. зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање.

28. Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба пред Своето лице.’

Дела Ап. 2