Дела Ап. 19:24-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

24. зашто некој човек, по име Димитриј, сребренар, кој правеше сребрени Артемидини храмови и на уметниците им донесуваше не мала печалба;

25. ги собра и нив и работниците на такви нешта и рече: „Мажи, вие знаете дека нашата благосостојба доаѓа од оваа работа;

26. а гледате и слушате дека овој Павле, не само во Ефес туку речиси во цела Азија, убеди и одврати големо множество, велејќи дека богови направени со раце - не се богови.

27. Но не постои само опасност да изгуби углед ова наше занимање, туку и храмот на големата божица Артемида нема да биде сметан за ништо, и да му се наштети на величието на онаа, која ја почитува сета Азија и целиот свет.”

28. Кога го чуја тоа, полни со гнев, викаа, велејќи: „Голема е ефеската Артемида!”

29. И целиот град се побуни и еднодушно навлегоа во театарот и ги одвлекоа Македонците Гај и Аристарх, Павлови сопатници.

30. А кога Павле сакаше да влезе, меѓу народот, учениците не го пуштија.

31. А некои од азиските началници, кои му беа пријатели; испратија при него и го помолија да не се појавува во гледалиштето.

32. Едни викаа едно, а други - друго, зашто собранието беше збунето и повеќето не знаеја зошто се беа собрале.

Дела Ап. 19