25. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа.
26. Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите.
27. А чуварот на темницата се разбуди и кога ги виде отворените врати на темницата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале.
28. Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!”
29. А тој побара светлина, истрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила;
30. ги изведе и рече: „Господини, што треба да правам за да се спасам?”
31. Тие пак рекоа: „Верувај во Господа Исуса и ќе се спасиш ти и твојот дом.”
32. И им го проповедаа Господовото слово нему и на сите, кои беа во неговиот дом.
33. И тој ги зеде во истиот час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти и тој и сите негови.
34. Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и се зарадува со целиот дом, зашто поверува во Бога.